Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација Златко Далиќ доживеа многу емотивно искуство од освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во Катар.
„Ова е бронза, но за нас има златен сјај. Беше тешко, но ова е одлично. Овој медал е за целиот хрватски народ, за сите оние кои не следат и сакаат. Да се земат два медали на два светски првенства по ред е нешто фантастично. Им честитам на играчите“, рече Далиќ во првата изјава за Радио телевизија на Хрватска.
Далиќ откри и кому му е посветен медалот:
„На еден човек кој го смислил сето ова, а тоа е Чиро Блажевиќ. Шефе, ова е за тебе. Ова е вашиот медал. Можам да освојам пет медали, но ти си тренер на сите тренери“.
Далиќ продолжи:
„Малкумина го очекуваа ова. Имавме 18 нови играчи, на овој натпревар стартери беа четворица од домашната лига. Капа им симнувам на сите. Не наградија. За мене оваа бронза е злато. Ретко кој може да повтори таков резултат за четири години“.
На крајот, Далиќ додаде:
„Денес играа сите што беа здрави и фит. Знаевме дека од десната страна Мароканците имаат проблеми и се уморни. Знаевме дека Зијеш не може да го следи Перишиќ. Им направивме многу проблеми на таа страна, Оршиќ беше одличен. Седми натпревар, беше добар и си одиме дома. Убаво е да се вратиме дома како победници“, заклучи Далиќ.