ФУДБАЛ

Дарвин Нуњез потпиша за Ливерпул!

Англискиот вицешампион Ливерпул го комплетираше доаѓањето на Дарвин Нуњез од Бенфика, а останува уште играчот да добие работна дозвола.

Уругвајскиот напаѓач потпиша долгорочен договор со „црвените“ откако денеска ги финализираше личните услови и го комплетираше лекарскиот преглед во тренинг центарот АКСА.

Нуњез пристигнува на „Енфилд“ по две сезони во Португалија со Бенфика, каде што постигна 48 гола на 85 настапи во сите натпреварувања.

22-годишниот играч, исто така, има 11 сениорски настапи за Уругвај до денес.

„Навистина сум среќен и возбуден што сум овде во Ливерпул. Тоа е огромен клуб“, изјави Нуњез за „Liverpoolfc.com“ во своето прво интервју.

„Би сакал да им се заблагодарам на мојот партнер и родители и мојот син кој е моја голема гордост. Тие ми беа многу важни во етапите од мојата кариера. Сега сум навистина горд на нив. Задоволство е што сум овде во Ливерпул и многу сум среќен што станав дел од голем клуб“, додаде поранешниот играч на Бенфика, Алмерија и Пенарол, во кој израсна.

„Играв против Ливерпул и ги гледав на многу натпревари во Лигата на шампионите и тоа е мојот стил на игра. Има неколку одлични играчи тука и мислам дека ќе одговара на мојот стил на игра. Како што реков, јас гледав многу натпревари и тоа е многу голем клуб и се надевам дека ќе можам да дадам се од себе за да му помогнам на тимот“.

Нуњез ќе го носи бројот 27 во дресот на Ливерпул и ќе стане третиот Уругваец кој потпишал за клубот, по Луис Суарез и Себастијан Коутс.

Тој истакна дека негова најголема желба е да освојува трофеи и титули со Ливерпул. Да потсетиме, „црвените“ ќе платат отштета од 80 милиони евра со потенцијални 20 милиони бонуси, па трансферот од околу 100 милиони евра на крајот се смета за рекорден за клубот од „Енфилд“.