Голманот на Манчестер Јунајтед Давид де Хеа е подготвен да потпише нов долгорочен договор со клубот од „Олд Трафорд“ и несака да премине во Јувентус или ПСЖ, соопшти „ЕСПН“.
Големиот сон на Де Хеа беше да се врати во својата татковина, каде што ќе го облече тимот на Реал Мадрид. Откако пропадна трансферот на „Бернабеу“ пред три години, голманот продолжи да ги брани боите на „црвените ѓаволи“, а потоа „кралскиот клуб“ си ги обезбеди услугите на Тибо Куртуа од Челзи.
Минатиот месец клубот од „Олд Трафорд“ еднострано го активира продолжувањето на договорот со Де Хеа за период од една година. Сепак, раководството на Јунајтед веќе започна преговори за нов долгорочен договор со неделна плата од 350.000 фунти.
Според информациите од Островот, Де Хеа е подготвен да потпише нов договор со овој клуб, наместо да ги разгледува понудите од страна на тимови како Јувентус и ПСЖ, кои се заинтересирани за неговите услуги.