Баерн синоќа во Келн ја победи Викторија со убедливи 5:0 и се пласираше во второто коло на германскиот ДФБ Покал.
Минхенскиот клуб ја оправда улогата на фаворит и без поголеми проблеми успеа да се пласира во втората рунда од ова натпреварување.
И покрај огромната поддршка од трибините, Викторија на крајот не успеа да направи чудо, а овој нисколигаш очекувано го заврши натпреварувањето веќе во првото коло.
Баерн вечерва одигра речиси во својот најсилен состав, а цел натпревар одигра Матијс де Лигт, кој летово го засили германскиот шампион доаѓајќи од Јувентус.
По натпреварот, токму Де Лихт се најде во центарот на вниманието кога даде изјава во која ги откри впечатоците по победата на Баерн во Келн.
Холанѓанецот покажа дека по само два месеци одлично се среди во Баерн бидејќи веќе без проблем знае да зборува германски, но за време на интервјуто настана забуна, поради што водителот мораше да го исправи.
Имено, таа му поставила прашање на Де Лихт на англиски, но тој почнал да зборува на германски, поради што морала да го прекине.
„Ок, јас зборувам на англиски, а вие на германски. Можеме ли да зборуваме на англиски“, низ смеа рекла водителката.
🗣️ @mdeligt_04 is clearly so settled in Germany, he's forgotten how to speak English 😅#DFBPokal #VIKFCB pic.twitter.com/anIUnO8Grr
— The DFB-Pokal (@DFBPokal_EN) August 31, 2022
После тоа, дефанзивецот на Баерн се насмеа кога сфати каков лапсус направил, но рече дека не им е проблем да зборуваат на англиски бидејќи и тој одлично го зборува тој јазик.
Де Лихт пристигна во Баерн од Јувентус за 67 милиони евра, а во досегашниот дел од сезоната за германскиот клуб одигра пет натпревари во сите натпреварувања и успеа да постигне еден гол во Бундеслигата.