Францускиот интернационалец Осман Дембеле со голем успех го носи дресот на каталонскиот гигант Барселона. Крилниот напаѓач сезонава има одиграно 20. натпревари на кои постигна 9 погодоци и запиша 5 асистенции. Сепак, 21-годишниот Французин има проблем со дисциплината кога е надвор од зелениот терен, често доцни на тренинзите, што претставува сериозен проблем за актуелниот шампион на Шпанија.

Неколкуте предупредувања не вродија со плод затоа што Дембеле задоцни и по првенствениот дуел против Еспањол, на кој постигна еден погодок. Иако утринскиот тренинг бил закажан за 9:00 часот, крилниот напаѓач задоцнил дури два часа. Раководните лица на Барса открија дека Дембеле е зависен од видеоигри и затоа му одредија парична казна од 200.000 евра, која е најголема во клупската историја на каталонскиот гигант.
И покрај проблемот кој го има надвор од стадионите, засилувањето кое беше купено за 115 мил. евра, нема никаков проблем кога е на зелениот терен. На последните пет натпревари, Дембеле постигна два погодока и запиша три асистенции, а против Вилјареал и Тотенхем, беше прогласен за играч на натпреварот.
До пред неколку месеци се пишуваше дека Дембеле е на излезната врата од “Ноу Камп”, а најголем интерес за неговите услуги покажаа англиските премиерлигаши Ливерпул, Тотенхем и Арсена. Сепак, челниците на Барселона се свесни дека во своите редови имаат страшен фудбалер, кој мора да поработи на својата дисциплина.