ФУДБАЛ

Деталите при излегувањето од тунелот најдобро го опишуваат актуелниот тим на Манчестер Јунајтед

На Манчестер Јунајтед не му помогна премногу ниту промената на тренерот.

Доаѓањето на Ралф Рагник навестуваше подобри денови, но како одминува времето резултатската слика не се менува.

„Црвените ѓаволи“ на почетокот не успеаја да го победат Њукасл Јунајтед, а болен удар пристигна во понеделникот вечерта на „Олд Трафорд“.

Вулверхемптон победи со 0:1 и така првпат по 42 години триумфираше на гости кај Јунајтед.

За домашната екипа според околностите играше и Фил Џонс, поточно поради повреди и позитивни случаи на коронавирус. Стоперот забележа настап по повеќе од 700 дена.

Џонс е единствениот фудбалер кој за се што покажал заслужува преодна оценка и треба да биде пример за другите.

Детал од самиот почеток на натпреварот кога играчите излегоа од тунелот во моментов најдобро ја опишува атмосферата меѓу „црвените ѓаволи“.

Сите играчи мирно тргнаа кон центарот, се однесуваа како да ги чека обичен работен ден, а само еден скокна со потреба да докаже нешто. Тоа беше Џонс.

Иако тимот на Јунајтед е составен од голем број одлични и многу квалитетни играчи, јасно е дека нема хемија, синергија и компактност. Така, тие не дејствуваат како тим, што е суштински фактор за врвни резултати.