ФУДБАЛ

Добра вест од Германија: Се излечи првиот фудбалер заразен со коронавирус

Во морето на негативи, една добра вест пристигнува од Германија. Имено, првиот фудбалер заразен со коронавирус успеа да се излечи.

Фудбалерот на Падербон, Лука Килијан изјави дека сега се чувствува многу добро и првично се исплаши кога почна да забележува симптоми на вирусот „Ковид-19“.

„Се започна на 10 март со мало воспаление на грлото. Следниот ден ми се појави главоболка, но продолжив да тренирам”, рече 20-годишниот, додавајќи:

„На 12 март започнав да чувствувам бранови на топлина и еден ден подоцна беше навистина интензивно. Треска и висока температура. Ова беше прв пат кога навистина се исплашив. Потребни беа четири дена да се спушти треската, а оттогаш сум подобар”.

Килијан имаше среќа што мајка му е болничарка и може да се грижи за него во домашна изолација, па немаше потреба да оди во болница.

„Сега можам да го споделам моето искуство: Јас сум спортист и во форма, но се борев напорно против вирусот. За луѓето кои се веќе болни, тоа може да ги загрози нивните животи”, рече Килијан, истакнувајќи дека треба се почитуваат наредбите на надлежните и здравствените власти.