Македонските фудбалери се на чекор до пласман на Мундијалот во Катар, а вечерашниот натпревар против Португалија во Порто е одлучувачки.
Доколку, Македонија ја совлада Португалија на „Драгао“ во Порто (20.45 часот), односоно на Мундијалот, ќе добие огромни бонуси.
Неофицијално, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) им вети премија на фудбалерите од 4,5 милиони евра доколку се пласираат на СП, исто така Македонија ќе добие од ФИФА, 12,5 милиони долари, а уште од поодамна постои договор дека третина од парите за најголемите успеси ќе одат на сметките на фудбалерите.
Владата на Македонија и премиерот Димитар Ковачевски, пак, пред заминување на фудбалската репрезентација за Порто им вети премија од државата од половина милион евра.
За потсетување, за пласманот на Еуро 2020, фудбалерите добија премија од скоро три милиони евра кои ги поделија, но за пласманот тогаш бонуси од по 20.000 евра си поделија и фудбалските функционери во ФФМ, нешто што предизвика бес и револт кај македонската јавност.