Фудбалерите на Интер ремизираа 1:1 синоќа на домашен терен против Јувентус.
Интер одлично го отвори натпреварот и успеа да поведе во 17. минута кога Един Џеко го постигна седмиот гол во досегашната сезона во Серија А.
Сепак, Јувентус израмни во 89. минута. Судијата досуди пенал за гостите по реакцијата на ВАР просторијата, а Пауло Дибала беше сигурен од белата точка за конечни 1:1.
За ова дерби проговори и легендарниот играч на Интер, Џузепе Бергоми, кој смета дека Интер едноставно заслужил да победи на овој натпревар.
„Интер беше многу подобар од Јувентус. Не се сеќавам дека гостите имаа удари кон голот за време на натпреварот“, изјави Бергоми за „Sky Sport“ и продолжи.
„Да беше Лукаку синоќа на теренот, натпреварот ќе завршеше 3-0 и сигурен сум во тоа. Единствениот кој беше целосно ангажиран е Николо Барела. Напаѓачите сега работат поинаку и недостигаат некој да му даде длабочина на тимот. Интер целосно го контролираше натпреварот“.
Бергоми се осврна и на пеналот досуден за Старата дама во 89. минута.
„Не би коментирал толку многу. Да не дојдеше тој пенал, не гледам како Јувентус ќе израмнеше. Дури и да паднеше Интер во играта, се сомневам дека гостите ќе постигнеа гол преку игра“, заклучи Бергоми.