Барселона синоќа пред своите навивачи го победи Атлетик Билбао со 4-0, а главна ѕвезда беше Усман Дембеле.
Дембеле влезе во игра во 67. минута од натпреварот додека резултатот беше 1:0 за каталонскиот клуб, а навивачите на Барселона и овојпат го исвиркаа.
Сепак, тоа дополнително го мотивираше Французинот, кој во продолжението од мечот направи подарок. Дембеле најпрвин постигна фантастичен гол во 73. минута, а во самиот финиш на мечот запиша две асистенции кога погодија Лук де Јонг и Мемфис Депај.
Свирежите за кратко време се претворија во аплауз, а потоа цел стадион го скандираше името на Дембеле, што беше навистина одличен момент.
Познато е дека Дембеле го исвиркуваа бидејќи одби да го продолжи договорот со Барселона, но и да го напушти клубот во јануари. Французинот во јануари одлучи да остане до крајот на сезоната и да си замине од Камп Ноу како слободен играч, но шпанските медиуми наведуваат дека може да дојде до пресврт.
Каталонскиот спорт денеска објави дека Дембеле се повеќе размислува за останување во Барселона бидејќи атмосферата во клубот е значително подобрена во последните недели.
Се се смени со доаѓањето на Пјер-Емерик Обамејанг, кој самиот го убеди Дембеле да остане и се чини дека тоа навистина може да се случи. Спорт наведува дека менаџерот на Дембеле, Муса Сисоко се обидува да го израмни лошиот однос со челниците на Барселона и повторно да започне преговори.
Тврдат дека Дембеле воопшто нема договор со ниту еден друг клуб, а останувањето во Барселона сега е многу возможно. Многумина се изненадени што Сисоко наеднаш ја промени приказната, но очигледно сфатил дека останувањето во Барселона и не е толку лошо за неговиот клиент.
Дембеле е воодушевен и од начинот на кој работи Чави Ернандез и од тоа што тренерот на Барселона верува во него. Посебно го фасцинираше тоа што Чави го врати во тимот кога сите сакаа остатокот од сезоната да го гледа на трибините и на тој начин да си замине од Барселона.
Очигледно е дека Чави добро знае што прави кога е Дембеле во прашање и од ден на ден му покажува на Французинот колку е важен член на овој тим. Останува да видиме дали Барселона ќе се согласи повторно да му понуди нов договор.