И покрај уште еден неуспех во Лигата на шампионите.
Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума денеска изјави дека е горд што игра за тој клуб и покрај последниот пораз и елиминацијата од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Пари Сен Жермен не успеа да се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите, бидејќи загуби со 0:3 во двомеч против Баерн Минхен. Парискиот тим синоќа загуби во Минхен со 0:2, а во првиот осминафинален натпревар победи германскиот тим со 1:0. „Разочарани сме, лути, многу е разочарувачки да бидеме исфрлени од Лигата на шампионите. Не жалам ниту се сомневам во мојот избор да му се приклучам на Пари Сен Жермен. Никогаш не се сомневав во тоа“, изјави Донарума за Скај .
Тој се осврна и на резултатот на неговиот поранешен клуб Милан, од каде како слободен играч се пресели во Пари Сен Жермен во летото 2021 година. Милан се пласираше во четвртфиналето откако во два меча го совлада Тотенхем со вкупен резултат 1:0. „Дали сум среќен за Милан? Да, но исто така сум горд што сум во Пари Сен Жермен “, изјави Донарума.
