ФУДБАЛ

Дрис Мертенс го продолжи договорот со Наполи

Белгискиот фудбалер Дрис Мертенс денес официјално го продолжи договорот со Наполи.

Договорот на Мертенс со клубот од Неапол требаше да истече на крајот на овој месец, но Белгиецот реши да остане. Иако претходно одби да ја продолжи соработката, на крајот, на радост на навивачите на овој клуб, тој реши да потпише нов договор.

Во последните недели се шпекулираше дека Мертенс преговара со Интер и Челзи, а тој, наводно, бил многу близу до заминување на „Меаца“, но се предомислил во последната минута.

Наполи на официјалната веб-страница потврди дека Мертенс го продолжил договорот, и дека ќе остане во овој клуб во наредните две години. 33-годишниот играч пристигна во Наполи пред седум години и постигна 122 погодоци на 310 натпревари, додавајќи 73 асистенции.