Без разлика дали играат или не, финалето од купот „Копа дел Реј“ ќе биде последниот натпревар во дресот на Барселона за девет фудбалери.
Некои ќе играат, некои нема, но шпанските медиуми тврдат дека девет играчи ќе се простат од каталонскиот клубски дрес.
На листата се: Силесен, Мурило, Вермален, Умтити, Рафиња, Ракитиќ, Малком, Кутињо и Боатенг.
Силесен нема место во близина на Тер Штеген и, наводно, оди во Бенфика, Мурило беше донесен во јануари на заем од Валенсија, но очигледно нема да остане.
Што се однесува до Вермален, договорот нема да биде обновен, додека Умтити е на продажба и бара нов клуб. Рафиња имаше повреди, а сега оди на позајмица или Барселона ќе го продаде.
За Ракитиќ се уште не е сигурно, но Хрватот се приближува до излезната врата и ја чека вистинската понуда. Малколм знаеше како да заблеска во текот на сезоната, но недостатокот на минути е најголемиот проблем и затоа сака да оди.
Кутињо е најскапото засилување во историјата на Барселона, но тој не ги оправда очекувањата и неговата продажба изгледа неизбежна.
Боатенг? Никој не го сфаќа неговото доведување на заем во Барселона. Тој играше само 303 минути и дефинитивно повеќе нема да биде член на каталонскиот тим.