Лионел Меси би можел да се врати во Барселона на крајот од оваа сезона, но каталонскиот гигант за таа работа мора да плати огромна сума на пари, но и да ги почитува правилата на финансискиот фер-плеј. Дел од решението е намалување на платите на некои играчи, но не сите се задоволни поради тоа и одбиваат да постапат според инструкциите на клубот.
Франк Кесие и Андреас Кристенсен го одбија предлогот на клубот за намалување на платата и со тоа директно се спротивставија на желбата на клубот кој мора да ги намали трошоците за приближно 200 милиони евра доколку сака да донесе звучно засилување во летните месеци. Меси е под договор со Пари Сен Жермен до крајот на сезоната и се повеќе се шпекулира за негово враќање во Барселона. Оваа желба не ја кријат ниту челниците на клубот, ниту некои истакнати првотимци, но Кесие и Кристенсен се уште не отстапуваат од својата позиција.
