ФУДБАЛ

Едвај му го запреа крварењето, а потоа мораше да направи допинг тест: „Кога видов кој е во таа соба…“

Фудбалерите на Реал Мадрид претрпеа тежок пораз на домашен терен од Барселона во неделата (0:4).

Барселона го одигра еден од најдобрите натпревари оваа сезона и успеа да го понижи кралскиот клуб на Сантијаго Бернабеу со 4:0, а таков резултат пред натпреварот сигурно ретко кој можеше да очекува.

Реал Мадрид беше ослабен бидејќи Карим Бензема не играше поради повреда, што се покажа како огромен проблем за овој тим.

Карло Анчелоти се обиде да направи промени во составот, и експериментираше со формации, но на крајот тие беа целосно неуспешни. Лука Модриќ играше на позицијата „лажна деветка“ и тоа беше грешка на Анчелоти, а подоцна се обиде да игра во формација 3-5-2, што беше уште полошо.

На полувремето италијанскиот стручњак направи двојна измена, а во соблекувалната останаа Тони Крос и Дани Карвахал, а шпанските медиуми објавија дека Анчелоти бил многу незадоволен од нивната игра.

Сепак, Крос реши да се огласи и објасни дека не можел да ја продолжи играта поради повреда, иако сакаше.

“Добив расекотина на потколеницата и поради тоа морав да го напуштам натпреварот на полувремето. Раната крвареше толку многу што лекарите мораа да ја сошијат”, рекол Крос и продолжил.

“Како резултатот и таа повреда да не беа доволни, морав да направам допинг тест по натпреварот. Винисиус и јас отидовме во собата за тестирање, а Жерар Пике и Жорди Алба веќе беа таму. Го загубивме тој натпревар и само чекав да заврши тестирањето и да излеземе од таму“.