ФУДБАЛ

Еланга е на мета на расисти по промашениот пенал за Јунајтед

Младиот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Ентони Еланга се најде на мета на расисти на социјалните мрежи по промашениот пенал и пораз и елиминација од второлигашот Мидлсброу во петокот на „Олд Трафорд“ во четвртото коло од ФА Купот.

Еланга промаши клучен пенал бидејќи сите играчи на двата тима беа претходно прецизни. „Црвените ѓаволи“ загубија со 8:7 и уште еднаш разочараа многу фанови оваа сезона.

Оттогаш се отстранети навредливите пораки.

„Никој не треба да доживее расистичка злоупотреба на социјалните мрежи, а ние не го толерираме тоа на нашите апликации“, рече портпаролот на Мета, матичната компанија на Инстаграм.

Манчестер Јунајтед доживеа неочекувана елиминација од второлигашот, иако беше многу подобар во поголемиот дел од натпреварот. Во првото полувреме во регуларниот дел пенал промаши и најдобриот играч на Јунајтед, Кристијано Роналдо.

Португалецот е еден од првите кој по поразот го утеши 19-годишен фудбалер од Шведска. Поддршка на социјалните мрежи младиот играч доби и од бројни соиграчи.

Маркус Рашфорд, кој и самиот често беше мета на расисти на социјалните мрежи, испрати порака за поддршка до Еланга: „Ентони Еланга. Крени ја главата сега“.