Елиф Елмас на пресконференцијата пред наптреварот со Холандија, посочи дека Македонија ќе оди на победа на овој натпревар.
Холандија е веќе осминафиналист со тоа што има две победи и е прва во групата Ц.
Елмас посочува дека Македонија покажа дека заслужено е меѓу најдобрите, но дека сакаат со добар настап, па и победа да го заокружат овој историски прв настап на големата сцена.
„Подготвени сме, иако знаеме дека нѐ чека тежок меч, без оглед дали ќе играат со втор тим. Ние одиме да го одиграме тоа што го знаеме, да играме за нас, да се бориме еден за друг, да играме и гинеме за Македонија. Јас секогаш се надевам дека ќе победиме, ние на победа одиме на секој меч и посакувам на крајот на ова ЕП барем со една победа да ја израдуваме нацијата. Одигравме два меч, би рекол солидно добро ги одигравме, иако резултатки не минавме најдобро, но тоа неискуство ни напрви проблем и овој настап е големо искуство за нас, па затоа ќе мора почесто да бидеме на вакти големи натпреварувања“, вели Елмас.
Исто така Елмас посочува дека ќе мора цел натпревар против Холандија да го одиграме на истото ниво, како во вториот дел со Украинците.
„Одигравме добро второ полувреме, ама тоа не е дозволно на вакви мечеви. Ова е Европско првенство и треба цел меч да го играме така. Нема време да тагуваме, мечот е зад нас, тоа е што е, заврши…Сите се надеваме дека пак ќе одиграме на високо ниво, но сега цели 90 минути. Одиме да направиме нешто, да се израдуваме самите, да ја израдуваме Македонија. Штета што не освоивме барем бод досега, можеби ќе останевме во игра сега и за втората фаза, но наше е да докажеме уште еднаш дека сме заслужено тука на Еуро 2020“, додава Елмас.
Исто така појасни дека самодовербата останува на високо ниво, иако играме против големата Холандија.
„Нема зошто да ја загубиме самодовербата. Да, тажни сме, двапати загубивме, но нема зошто да се разочаруваме. Ова е Европско, има селекции кои навистина се силни и против секој мора да се игра константно 90 минути. Ние сакаме да излеземе да одиграме како во вториот дел од мечот со Украина, но сега да одиграме на начин како што не покажавме досега – цели 90 миниути. Одиме да одиграме сконцентрирано, паметно, се надевам дека ќе биде сѐ како што треба. Не можам да кажам дали баш ќе биде отворен меч, ама знам дека Холандија нема да сака да загуби. Го знам холандскиот фудбал, играат играч на играч, технички, убав фудбал. Македонија сака да покаже дека вреди, можеби покажавме досега дека заслужено сме тука, но ако освоиш бодови или ако ја победиме Холандија тоа ќе биде нешто посебно. Да одиграме за нас, да се бориме еден за друг, па на крај цела Македонија, цела нација да биде среќна заедно со нас. Очекувам да одиграме добар меч“, заврши Елмас.
Натпреварот Македонија – Холандија ќе се одигра на 21. јуни во 18:00 часот на стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам.