Манчестер Јунајтед синоќа потврди дека Касемиро кариерата ќе ја продолжи во дресот на англискиот клуб.
„Црвените ѓаволи“ ги изненадија сите со тоа што потврдија дека го комплетирале трансферот на Касемиро бидејќи никој не очекуваше Бразилецот летово да го напушти кралскиот клуб.
Касемиро со години е еден од најважните играчи во Реал Мадрид, а за многумина е речиси невозможно да го замислат средниот ред на кралскиот клуб без овој 30-годишен, а навистина неговиот трансфер во Манчестер Јунајтед е сосема неочекуван.
Сепак, откако Реал донесе неколку засилувања во средниот ред, Касемиро реши дека не сака да биде резерва, а кога дојде повикот од Олд Трафорд, сфати дека е време за нов предизвик.
Реал Мадрид од неговата продажба би требало да заработи околу 80 милиони евра, што е одлична работа, но јасно е дека Касемиро ќе биде многу тешко да се замени.
Бразилецот утрово се огласи на социјалните мрежи и потврди дека го напушта Реал Мадрид по девет години.
„Во Реал Мадрид ја живеев најубавата можна приказна што можев да ја замислам. Се надевам дека еден ден ќе се вратам бидејќи ова ќе биде мојот дом засекогаш. Ниту за милион животи не би можел да му се оддолжам на Реал Мадрид за се што дале јас.Засекогаш… Хала Мадрид“, напиша Касемиро.
He vivido la historia más maravillosa que jamás pensé. Espero volver algún día a la que siempre será mi casa. Ni en mil vidas podré devolveros al @realmadrid y al madridismo todo lo que me habéis dado. Por siempre… ¡Hala Madrid! 🤍💜 pic.twitter.com/VH91DA3HJW
— Casemiro (@Casemiro) August 20, 2022
Се очекува Касемиро утре да отпатува за Манчестер на медицински прегледи, а потоа да потпише договор со „црвените ѓаволи“.
Исто така, Касемиро треба да биде на трибините за големото дерби во понеделник меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул, а се очекува да дебитира за својот нов клуб за седум дена против Саутемптон.
Касемиро со Реал Мадрид освои 18 трофеи, одигра 336 натпревари и успеа да постигне 31 гол. Тој во Реал пристигна во 2013 година од Сао Паоло, а една сезона мина во Порто на позајмица.