ФУДБАЛ

ВИДЕО: Ериксен го исфрли Милан во спектакуларно градско дерби!

Спектакуларен натпревар одиграа градските ривали Интер и Милан на „Џузепе Меацa“ во четвртфиналето од Купот на Италија.

Почетокот не беше премногу ветувачки, но подоцна се претвори во голема борба со многу шанси, картони, необични ситуации. Видовме сè што можат да понудат само градските ривали од Милано.

Иако Интер влезе подобро во мечот, се чинеше поопасен, Милан прв поведе. Во 31-та минута Ибрахимовиќ шутираше по земја и го измами Хандановиќ, а на крајот од првиот дел имаше многу проблеми. Ибрахимовиќ и Лукаку вербално се судрија, паднаа пцовки и беше спречена физичка пресметка.

Двајцата добија жолт картон, но ова беше погубно за Милан и Ибрахимовиќ, кој доби втор жолт картон во 58-та минута откако зад грб го фаулираше Коларов, па затоа беше исклучен.

Милан се повлече, а потоа следуваа силните напади на Интер, се редеа шанси. „Нероазурите“ израмнија во 71. минута. Леао го сруши Барела, судијата покажува на белата точка со помош на ВАР, а  Лукаку погоди за 1:1.

Неколку стопроцентни шанси за Интер во продолжението, но голманот Татарушану правеше луда на голот на Милан. Мечот беше продолжен 10 минути бидејќи судијата Валери се повреди, па мораше да го замени четвртиот судија.

Во 98-та минута беше досуден слободен удар за „домашниот тим“, а Кристијан Ериксен маестрално погоди за пласман на Интер во полуфиналето, каде го чека подоброт од дуелот Јувентус-СПАЛ.