ФУДБАЛ

Европските шампиони ги спакуваа куферите: Белгијците славеа во Севиља и се пласираа во четвртфиналето

Вечерва репрезентацијата на Белгија ја победи Португалија во осминафиналето на Европското првенство со 1:0 и избори пласман во четвртфиналето на ова натпреварување.

На стадионот Ла Картуха во Севиља, гледавме прилично тешка игра за која на крајот одлучуваше еден гол.

Португалскиот тим имаше голема шанса во шестата минута кога Јота имаше одлична можност, но шутираше од десетина метри покрај голот на Белгија.

Португалија се закани во 25-та минута кога Кристијано Роналдо се обиде од слободен удар, но Куртоа го одбрани. Белгијците ја чекаа својата шанса на овој натпревар и ја пречекаа во 42-та минута.

Во центарот на вниманието беше Торган Азар, кој шутираше фантастично од 22 метри и ја совлада Патриша за 1:0 и големо славје на играчите и навивачите на Белгија.

Во второто полувреме Белгијците ја задржаа својата предност и чекаа шанса од контра. Португалија можеше да изедначи во 58. минута кога Јота имаше уште една шанса, но овојпат немаше гол.

После тоа, играта се играше претежно помеѓу двата казнени простори, но на крајот од мечот, Португалците тргнаа напред со сите сили.

Португалија имаше одлична шанса во 82. минута кога нафрли Бруно Фернандеш, а Рубен Дијас од одлична прилика шутираше директно кон Куртоа.

Веќе во следната минута, Португалија имаше голема шанса. Овојпат тоа беше Гереиро кој од десетина метри го погоди голот на Куртоа.

До крајот на играта, Белгија успеа да ја сочува предноста и да се пласира во четвртфиналето, каде ќе игра против Италија, која синоќа беше подобра од селекцијата на Австрија по продолженијата со 2:1.

Исто така, она што може да го загрижи Роберт Мартинез пред четвртфиналето е повредата на Кевин де Бруин кој излезе од игра рано во второто полувреме на вечерашниот натпревар.