Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) денеска ги казни Ливерпул и Евертон поради неспортското однесување на играчите за време на градското дерби во Премиер лигата.
На 13 февруари Ливерпул како домаќин го победи Евертон со 2:0, а инцидентот се случи во 86. минута кога играчите на двата тима, оние кои играа и некои играчи од резервната клупа се степаа меѓу себе.
На инцидентот му претходеше неспортското однесување на фудбалерот на Ливерпул, Ендрју Робертсон и голманот на Евертон, Џордан Пикфорд, по што добија жолти картони.
ФА соопшти дека двата клуба не успеале да се погрижат „нивните играчи да се однесуваат соодветно и да се воздржуваат од провокативно однесување“, пренесе Би-Би-Си.
Евертон е казнет со 40.000 фунти, а Ливерпул со 25.000 фунти.
Евертон е построго казнет по претходното обвинение кое го доби за неспортско однесување за време на натпреварот против Кристал Палас претходно во сезоната.
