ФУДБАЛ

Фабрегас во еуфорија: Од пресоблекување во бар до Лига на шампиони со Комо

Сеск Фабрегас не ја криеше радоста по големиот успех. Шпанскиот тренер се појави во микс-зоната во еуфорично расположение, целосно натопен по бурното славје во соблекувалната. Неговата широка насмевка доволно зборуваше за патот што го мина и за остварената цел. Со победата во Кремона, неговиот Комо обезбеди историски пласман во Лигата на шампионите.

„Пред натпреварот со Парма им кажав на момците дека со две победи ќе бидеме во Лигата на шампионите. На тимот му пуштив видео од велосипедист кој од шестото место успева да ги стигне и да ги престигне противниците. Целта беше да земеме пример од него и успеавме“, изјави видно возбудениот Фабрегас.

Историски успех

По победата над Кремонезе, големата цел стана реалност. Фабрегас не ги криеше емоциите поради огромниот успех остварен со млад состав.

„Ова е огромен успех постигнат со млади момци, од кои многумина имаат помалку од 23 години. Морав да донесам многу важни одлуки. Претседателот ми ги даде клучевите, а јас го направив мојот избор. Кога пристигнав пред четири години како играч, се пресоблекувавме во еден бар, а денес сме во Лигата на шампионите.“

Шпанецот се потсети и на скромните почетоци и тешките моменти низ кои минал клубот.

„Денес разговарав со двајца физиотерапевти. Се потсетивме како трениравме без спортски центар, на некое место на кое веќе ни не се сеќавам каде беше. Масажите ги правевме во бар, покрај теренот. Сите си заминуваа околу 12:00 или 12:30 часот, немаше никој. А денес сме четврти во Серија А. Чувството е како секој ден да одиш на универзитет. Среќен сум поради тоа што го постигнавме“, додаде тој.

Иднината на Нико Пас

На крајот од разговорот, Фабрегас се осврна и на иднината на младиот талент Нико Пас, за кого се шпекулира дека е на мета на Жозе Мурињо.

„Го гледам во добри раце кај Мурињо, бидејќи Жозе има освоено сè. Но се надевам дека ќе остане кај нас. За мене тој е како син. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави шпанскиот стратег.

ПОВРЗАНО

Серија АЛига на шампиони