ФУДБАЛ

Фалкао потпиша за Рајо Валекано и ги шокираше сите со изборот на број во новиот клуб

Искусниот колумбиски напаѓач Радамел Фалкао по две сезони одлучи да го напушти Галатасарај и да се врати во Шпанија.

Фалкао некогаш беше еден од најдобрите напаѓачи во светот, но во 2014 година заработи сериозна повреда на коленото додека играше за Монако, и не успеа да се врати во старата форма.

Претходните две сезони, овој 35-годишен напаѓач играше во дресот на Галатасарај, но на крајот од минатата сезона одлучи да го напушти клубот по истекот на договорот.

Фалкао се поврза со неколку клубови, но на крајот одлучи да се врати во Шпанија и ги изненади сите со одлуката да потпише едногодишен договор со Рајо Валекано.

Колумбиецот беше официјално претставен во мадридскиот клуб како големо засилување и сигурно ќе му се најде на Валекано во мисијата да се бори за опстанок во Примера оваа сезона.

Исто така, Фалкао изненади многумина со изборот на број во новиот клуб бидејќи во кариерата нормално го носеше дресот со број девет.

Бројот девет во Валекано го носи Ренди Нтека, а Фалкао беше принуден да избере друг број. Но, сите беа изненадени кога Колумбиецот одлучи да го носи бројот три на неговиот дрес во неговиот нов клуб.

Не е вообичаено напаѓачите да го земат бројот три, кој инаку е „резервиран“ за бранителите, но на Фалкао очигледно не му пречи.