Пред неколку дена англиските медиуми објавија дека Герет Бејл размислува да ја заврши кариерата по оваа сезона.
Бејл оваа сезона ја помина на позајмица во Тотенхем, но јасно е дека тој нема да остане во лондонскиот клуб и се очекува ова лето да се врати во Реал Мадрид со кого се уште има договор.
Сезоната во Англија заврши минатиот викенд, а Бејл сега го очекува настап на Европското првенство со селекцијата на Велс.
Сепак, она што изненади многумина е веста дека Бејл сериозно размислува да стави крај на својата играчка кариера по завршувањето на Европското првенство, иако има само 31 година.
Јасно е дека му претстојат уште неколку сезони на врвно ниво, но според медиумите во Англија, тој едноставно е сит од сè и сака малку да го смени начинот на живот.
„Сан“ објави дека Бејл му е посветен на фудбалот уште од својата шестгодишна возраст, но дека сега сака да испроба и некои други работи во неговиот живот.
Така, денес во јавноста се појави информација дека Бејл сериозно размислува да се обиде да направи кариера во светот на голфот, што е негова голема љубов, по завршувањето на фудбалската кариера.
Познато е дека Бејл навистина сака да игра голф, поради што честопати бил мета на критики од Реал Мадрид. Поголемиот дел од слободното време го поминува на терени за голф, а сега размислува да направи пробив и во овој спорт.
Бејл има договор со Реал до крајот на следната сезона, но доколку реши да се повлече, тогаш тој ќе биде раскинат на договорен начин.
Велшанецот не сакаше да ја коментира оваа тема и рече дека сега е апсолутно фокусиран само на репрезентацијата и на настапот на Европското првенство. Бејл се очекува да се изјасни по ЕП и да открие дали ќе ја заврши фудбалската кариера и ќе му се посвети на голфот.
“Сè ќе се знае по Европското првенство. Знам што правам, но ќе направам хаос ако кажам нешто сега. Сега само размислувам за крајот на сезоната и да бидам што е можно подобар на ЕП. Репрезентацијата на Велс е единственото нешто на што размислувам сега”, рече Бејл, кога новинар го праша за тоа каде би играл следната сезона.