Фудбалските клубови потрошиле рекордни 1,57 милијарди долари на трансфери во овогодинешниот зимски преоден рок, а најголем број се трансферите од клуб во клуб, соопшти ФИФА.
Според прегледот на ФИФА за јануари 2023 година, во машкиот фудбал биле направени вкупно 4387 меѓународни трансфери. Потрошени се вкупно 1,57 милијарди долари, што е за околу 230 милиони повеќе од претходниот рекорд поставен во јануари 2018 година.
Бројот на трансфери во машкиот фудбал е зголемен за 14,4 отсто во однос на истиот период од 2022 година, при што вкупната вредност на надоместокот за трансфери е зголемена за 49,4 отсто во однос на сумата потрошена во јануари минатата година.
Англиските клубови се на врвот на листата за трошење на меѓународни трансфери со вкупно 898,6 милиони долари, што е 57,3 отсто од јануарската глобална потрошувачка, а по неа е Франција со 131,9 милиони долари.
За женскиот фудбал, вкупниот број на меѓународни трансфери, исто така, достигна нов историски максимум со 341 трансфер, што е зголемување од 30,2 отсто во споредба со јануари 2022 година. Вкупно 774.300 долари се потрошени за женски фудбал, што е нов рекорд.
