ФУДБАЛ

Флорентино Перез не е загрижен: „ПСЖ и Баерн сè уште не се поканети во Суперлигата“

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез призна дека тој е главниот основач на Суперлигата и дека сака да го започне ова натпреварување со цел да го „спаси“ фудбалот.

Многу клубови се наоѓаат во голема финансиска криза поради пандемијата на коронавирусот, но најбогатите очигледно мислат само на себе. Одлучија да создадат ново натпреварување со цел да заработат што повеќе пари и да играат само против најсилните клубови.

Оваа одлука ја шокираше фудбалската јавност и многумина се против воспоставување на Суперлигата. Сепак, Перез потврди дека Супер лигата веќе направи неколку чекори и дека 12 клуба од Шпанија, Италија и Англија го потпишаа договорот и потврдија дека ќе бидат учесници.

Тоа се Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Арсенал, Челзи, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Тотенхем, Ливерпул, Јувентус, Интер и Милан, додека клубовите од Франција и Германија сè уште не се вклучени во сето ова.

Вчера се појавија информации дека ПСЖ и Баерн одбиле да бидат дел од Суперлигата, но Перез реши да го демантира тоа. Тој изјави дека ПСЖ и Баерн воопшто не се поканети на ова натпреварување и дека со претставниците на овие клубови допрва треба да се разговара.

“Сè уште не сме го поканиле ПСЖ на ова натпреварување. Ќе разговараме со уште многу клубови и ќе им го објасниме проектот на Суперлигата. Во моментов имаме 12 клуба и целта е да имаме 15 од нив кои ќе бидат редовни учесници”, рече Перез а потоа испрати јасна порака.

“Ако ПСЖ и Баерн одбијат да бидат дел од ова натпреварување, тоа не е проблем. Суперлигата сигурно нема да биде откажана ако одбијат, тоа се смешни приказни што кружат низ медиумите. Не грижете се, ПСЖ и Баерн не можат да променат ништо”

Сега на сите им е јасно дека најбогатите клубови во Европа одлучија да создадат ново натпреварување само за поголема заработка и дека навистина не им е грижа што навивачите ќе кажат за сето тоа.

Иако Перез тврди дека неговата цел е да го спаси фудбалот, јасно е дека ова е само изговор за сè што прави заедно со претседателите на клубовите кои дадоа согласност за започнување на Суперлигата.