Со голема радост за постигнатите резултати и со најубави желби за многу нови успеси, Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска и честиташе на својата сограѓанка, носителката на бронзениот медал од Светското првнство во Чеонгју, Јужна Кореја, битолчанката Оливера Наковска-Бикова.
Светската рекордерка, која на денешната средба во општина Битола, гостуваше заедно со претседателот на сојузот за спорт и рекреација на инвалиди, Васко Стефановски, ги искажа своите импресии од учеството во сите три дисциплини на светското првенство кое се одржа во периодот од 1 до 12 мај.

Првиот ден, во дисциплината спорт – пиштол, 25 метри микс, во која учествуваа мажи и жени, во официјалниот дел со резултат од 569 круга, Наковска – Бикова обезбеди квота за директно учество на Параолимписките игри во Токио 2020. Посебно радува и за пофалба е фактот што од 8 натпреварувачи, Наковска – Бикова, беше единствената претставничка од понежниот пол.
Големиот успех, трето место – бронзен медал, Наковска – Бикова го освои во дисциплината воздушен пиштол 10 метри со резултат од 570 круга, со што го изедначи светскиот рекорд.

Наковска – Бикова, заблагодарувајќи се на приемот и наградата од градоначалничката, нагласи дека ваквата поддршка за неа претставува дополнителен стимул за максимално ангажирање и понатамошни подготовки, со цел и во иднина, достојно и со високи резултати, да го претставува нашиот град Битола, во светот.
