По неколкугодишната доминација на боксерите, пред се на Флојд Мејведер, фудбалерите го преземаа приматот на најдоброплатени спортисти во светот. Според магазинот „Форбс“, Лионел Меси во периодот од 1 јуни 2018 година до 1 јуни 2019 година, инкасирал 127 милиони долари. Дури 92 милиони долари, Меси доби од Барселона како плата и бонуси, додека 35 милиони се од спонзори.
Веднаш зад него е најголемиот конкурент во последната деценија, Кристијано Роналдо кој заработи 109 милиони долари. Роналдо идентично како и Меси, 35 милиони долари заработи од спонзорите, а остатокот му го исплати Јувентус.
И на третото место на листата се најде фудбалерот, овој пат играчот на ПСЖ и на бразилската репрезентација, Нејмар со 105 милиони долари.
На четвртото место се најде мексиканскиот боксер Саул Канело Алварез со 94 милиони долари, додека Роже Федерер е петти со 93.4 милиони долари. Швајцарецот дури 86 милиони долари доби од спонзорите, а само 7.4 милиони долари заработи од настапите на турнирите.
Извор: Слободен печат