Навивачите на Интер, но и јавноста во Италија е изненадена од одлуката на Интер да се откаже од услугите на Бенџамин Павар, кој во последниот ден од преодниот рок замина во Марсеј на позајмица, со право на откуп за 15 милиони евра. Неколку часа пред затворањето на преодниот рок Интер се засили со Аканџи од Манчестер Сити, па мораше да се ослободи место. Директорите Мората и Аусилио одлучија тоа да биде Павар, а не Бисек, кој на последниот меч против Удинезе е главен виновник за вториот примен гол и поразот од 1:2. Бисек имаше и неколку грешки, минатата сезона како што се мечевите против Џенова, Болоња, па и Лацио, кога Интер примаше гол поради неговите ненавремени интервеции. Сепак, Газета дело Спорт со детална анализа зошто Павар, а не Бисек.
Еве дел од анализата:
Причините поради кои раководството на Интер одлучи да се прости од Бенџи (Павар) се повеќеслојни.
Првата причина е поврзана со потенцијалот за иднината: доколку Интер реши да го продаде Бисек, би инкасирал далеку повеќе. А, новата стратегија на Oaktree налага младите играчи да се гледаат со поинаков поглед. Бенџи има речиси 30 години, Бисек оди кон 25. Едниот е роден 1996 година, другиот во 2000-та. Од перспектива на пазарна вредност, францускиот дефанзивец вреди помалку.
Втората причина е поврзана со неговата флексибилност. Бисек може да игра како десен или лев централен дефанзивец, но и како централен стопер. Тоа го покажа минатата сезона, кога Инзаги го користеше на повеќе позиции. Сезоната ја заврши со 3 гола и 3 асистенции во 43 настапи во сите натпреварувања. И покрај неколку индивидуални грешки — како во Џенова, Болоња, и на „Сан Сиро“ против Јуве и Лацио — клубот отсекогаш го сметал за важен и, пред сè, играч со иднина.
Минатата сезона, повредите на Павар во средината на сезоната и неговите неубедливи настапи му ги отворија вратите на Бисек за влез во стартниот тим во неколку наврати.
Последната причина е емотивна — и поврзана со „знамето“: Павар сакаше да се врати во Франција и го одбра Марсеј. Против Удинезе, Киву го остави на клупа во корист на Бисек, кој потоа негативно влијаеше при примениот гол. Но, Германецот ќе има нови шанси да се докаже.
