Засега се познати имињата на четирите клуба кои ќе ги гледаме во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Тоа се Ливерпул, Баерн, Реал Мадрид и Манчестер Сити кои со вкупни 5:0 го исфрлија лисабонски Спортинг.
Сите пет гола беа постигнати на првиот натпревар во Португалија, па синоќешниот реванш на „Етихад“ беше само формалност и заврши без гол.
Тренерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола ја искористи оваа игра и му даде шанса на 36-годишниот голман Скот Карсон кој влезе наместо Едерсон во 73. минута и со тоа го собори рекордот во Лигата на шампионите.
Имено, станува збор за тоа дека овој човек последниот настап во Лигата на шампионите го имаше пред 16 години и 338 дена.
Така Карсон го постави рекордот како најдолгоочекуван играч во Лигата на шампионите. Последен пат во ова натпреварување настапи во дресот на Ливерпул.
Инаку, ова е единствениот натпревар за Карсон сезонава во кој бранеше.
Со Ливерпул, Карсон ја освои Лигата на шампионите во 2005 година и ФА Купот една година подоцна, додека со Сити ја освои титулата шампион на Англија, двапати Лига Купот и еднаш Англискиот Суперкуп.
Покрај Сити и Ливерпул, Карсон играше и за Дерби Каунти, Виган, Бурсаспор, Астон Вила, Чарлтон, Шефилд и Лидс каде ја започна својата кариера.
За англиската фудбалска репрезентација има регистрирано и четири настапи.