Бразилскиот напаѓач Роберто Фирмино се прослави во дресот на Ливерпул, мина осум години на „Енфилд“, а на крајот од сезоната ќе се збогува со „црвениот“ дрес, бидејќи му истекува договорот.
Легендарниот центарфор нема да ја продолжи соработката со клубот во кој се прослави, туку кариерата ќе ја продолжи во Барселона.
Како што пишува британски „Дејли мејл“, 31-годишниот Фирмино договорил се со Каталонците и на крајот од сезоната ќе дојде во Каталонија како слободен играч.
Фирмино освои бројни трофеи со Ливерпул, Лигата на шампионите, Премиер лигата, ФА Купот, Лига купот, како и Светското клупско првенство, откако во 2015 година пристигна од Хофенхајм во Германија.
Бразилецот одигра вкупно 360 натпревари за „црвените“ и постигна 109 гола, со што стана миленик на навивачите на „Енфилд“.
