Кристоф Галтие дефинитивно нема да биде тренер на Пари Сен Жермен следната сезона, пренесува угледниот и добро информираниот L’Equip.
Иако Галтие ќе го освои францускиот шампионат, челниците на клубот не можат да му го простат неуспехот во Лигата на шампионите и предвременото излегување од Баерн во осминафиналето.
L’Equip пишува дека деновиве клубот размислува кој да го наследи Галтие и да го предводи ПСЖ во голема реконструкција на тимот, во кој нема да бидат Лионел Меси и Нејмар, кои сигурно заминуваат на лето.
Првото име на листата со желби е тренерот на Рома, Жозе Мурињо. Со заминувањето во Париз, Португалецот би имал можност да се врати на најголемата сцена и повторно да се бори за титулата европски првак.
Конкуренти за работата во Париз се тренерот на Болоња, Тиаго Мота и Аргентинецот Марсело Гаљардо, кој е без работа откако ја напушти Ривер Плата.
Овие тројца веќе некое време се пробиваат низ медиумите, а новото име на списокот е Чаби Алонсо, кој неодамна изјави дека сака да остане во Баер Леверкузен, но ќе видиме што ќе се случи доколку навистина дојде повикот од Париз.
