Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој го подготвува својот тим за утрешниот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Спортинг, зборуваше како и обично на прес-конференција.
Меѓу другото, Гвардиола беше прашан дали може да остане во Сити на долг рок, 10 или 15 години? Според неговиот одговор, тој нема таква намера и можеме да очекуваме наскоро да го напушти „Етихад“.
„Без грижи, нема да бидам Сер Алекс Фергусон. Година и пол е многу време во фудбалот“, изјави Гвардиола, кој истакна дека ситуацијата во тимот е совршено добра.
„Нашата хармонија помага: од последните 20 натпревари, победивме на 18 и загубивме еден од Лајпциг кога не ни требаше ништо.“
Тој исто така зборуваше дека некои од неговите играчи не ја добиваат минутажата што можеби ја заслужуваат.
“Знам дека момците понекогаш се фрустрирани што не играат доволно. Но, немаат за што да се жалат, сите ние сме вклучени во овој тим за да ги постигнеме нашите цели”.
Актуелниот договор на Гвардиола со Манчестер Сити истекува во летото 2023 година, а тој е свесен дека во фудбалот можат да се случат чуда и јасно е дека нема намера лежерно да влегува во осминафиналните дуели со Спортинг.
„Работиме секој ден и не знаеме што би можело да се случи на следниот натпревар. Никој не знае ништо однапред. Мораме да тренираме максимално, да работиме на сите елементи за време на тренинзите и потоа да се надеваме дека ќе го добиеме натпреварот“, рече Пеп.