ФУДБАЛ

Гвардиола го отпиша својот „миленик“ и му порача да бара нов клуб

Германскиот репрезентативец Илкај Гундоган беше еден од најстандардните играчи на Манчестер Сити во претходните сезони, но тоа неочекувано се промени оваа сезона.

Многумина се изненадени што Пеп Гвардиола реши да ја намали минутажата на Гундоган и германскиот играч за врска најмногу ја добиваше можноста од клупата за резерви.

Иако беше еден од најважните играчи во претходните сезони, Гвардиола реши малку да ги промени работите во својот среден ред.

Англиските медиуми утринава објавија дека Гундоган имал отворен разговор со Гвардиола за неговата иднина и рекол дека нема намера да ги започне повеќето натпревари како резерва следната сезона.

„Скај Спортс“ утрово објави дека Гвардиола е свесен колку Гундоган е незадоволен од неговиот статус во тимот и му дал дозвола на германскиот играч за врска да бара нов клуб.

Манчестер Сити на трансфер листата ќе го стави Гундоган, а неговата цена ќе изнесува околу 25 милиони евра со оглед на тоа што има само уште една година договор со англискиот клуб.

Се шпекулира дека Гундоган би можел да се врати во Германија и да потпише за Баерн, а за него покрај минхенскиот клуб интерес покажале и Арсенал, Челзи и Милан.

Гундоган во Манчестер Сити пристигна во летото 2016 година од Борусија Дортмунд за 30 милиони евра. За „граѓаните“ одигра 252 натпревари, постигна 47 гола и забележа 33 асистенции.