Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити, истакна дека распоредот на натпреварите во Англија, во годината на Светското првенство е „луд“.
Актуелниот шампион во среда игра натпревар од Лига купот против Челзи, а последниот натпревар против Брентфорд е закажан за в сабота пред паузата за Светското првенство. Следното коло од купот Англичаните ќе го играат на 19 декември, само еден ден по завршувањето на Мундијалот, а првенството продолжува на 26 декември.
„Што да ви кажам, но тоа е лудост. Во Германија, на пример, првенството продолжува на 20 јануари, а ние започнуваме на 26 декември. Најлошото е што се уште не знаеме кога ќе го одиграме реваншот со Арсенал, а во споредба со другите земји имаме еден Куп повеќе. Искрено не знам кого ќе имам на располагање за тој меч во Купот на 19 декември. Во краен случај ќе играм со фудбалери од нашата академија“, изјави Гвардиола.
Шпанскиот стручњак смета дека повеќето играчи веќе го имаат на ум Светското првенство.
„Размислувам за натпреварот со Брентфорд во сабота. Секој ќе внимава да не се повреди. Никој не сака да го пропушти Светското првенство. Ова се сите детали за кои треба да размислиме. Од друга страна, не треба ни да кажам колку сите ќе бидат потресени кога веднаш ќе се вратат на клупските обврски“.
На крајот Гвардиола поентираше.
„Распоредот е таков каков што е и мораме да прифатиме дека ништо нема да се промени. Наше е да излеземе на теренот и да се обидеме да победиме“.