ФУДБАЛ

Хаос во соблекувалната на ПСЖ: Соиграчите мораа да ги разделат Мбапе и Нејмар

Килијан Мбапе му создаде голем проблем на ПСЖ со своето однесување на натпреварот против Монпеље.

 

ПСЖ во саботата го победи Монпелје со 5:2 и дојде до нови три бода, но по натпреварот сите зборуваа за недоличното однесување на Мбапе кој беше очигледно многу нервозен таа вечер.

 

Мбапе најпрвин промаши пенал на стартот од мечот, а на крајот од првото полувреме дојде до вербален конфликт со Нејмар кој не му дозволи на францускиот напаѓач да го изведе вториот пенал иако тој го побара.

Но, не заврши тука. За време на една акција на ПСЖ, Мбапе беше многу лут што еден од соиграчите не му ја додаде топката и реши повеќе да не трча кон голот на Монпеље и налутено мавташе со рацете бидејќи топката не дојде до него.

 

Тренерот на домашната екипа Кристоф Галтие по натпреварот се обиде да ги смири страстите и изјави дека се е во најдобар ред, но утринава француските медиуми објавија дека тоа не е баш точно.

 

Во соблекувалната на ПСЖ владее многу лоша атмосфера по саботниот натпревар бидејќи Мбапе продолжи со своите испади и по натпреварот против Монпеље.

„Ле Паризиен“ објави дека Мбапе и Нејмар продолжиле вербално да се судираат по натпреварот и играчите наводно морале да ги разделат за да спречат физичка пресметка.

 

Тие се судрија затоа што Нејмар не му дозволи на Мбапе да го изведе пеналот, а тепачката беше на работ на сериозен инцидент, но на крајот останатите играчи на ПСЖ успеаја да се разделат и да ја смират ситуацијата.

 

Од ПСЖ се очекува многу во новата сезона и главната цел е да ја освои Лигата на шампионите, но за секој тренер мора да биде ноќна мора да има толку многу ѕвезди на едно место, а овој натпревар е најдобар показател дека во секој момент може да дојде до пресметка меѓу соиграчите.

 

Мбапе ја доби улогата на прва ѕвезда на клубот по потпишувањето на договорот и покрај тоа што ПСЖ во тимот ги има и Лионел Меси и Нејмар. Тоа што Нејмар не го пушти да го изведе пеналот навистина го потресе Мбапе, кој всушност го нема главниот збор во тимот како што очекуваше.