ФУДБАЛ

Хозе Каљехон ја одбра следната дестинација

Хозе Каљехон го напушта Наполи по седум години како слободен агент.

Искусниот Шпанец во изминатиот период преговараше со неколку клубови од Шпанија, а се чини дека тој пресече и ја донесе конечната одлука.

Севиља и Бетис се бореа за неговиот потпис, но славниот трансфер гуру, Џанлука Ди Марцио, тврди дека Каљехон го избра Виљареал.

„Жолтата подморница“ ангажираше неколку засилувања во изминатиот период, вклучувајќи го и Дани Парејо, а евентуалното носење на Каљехон ќе биде уште една одлична работа.

Преговорите меѓу Виљареал и агентот на играчот одат во позитивна насока и прашање е само кога договорот ќе се официјализира.

Каљехон пристигна во Наполи во 2013 година од Реал Мадрид за сума од 9,5 милиони евра, а тој се збогува од овој клуб со освојувањето на Купот на Италија.

Тој го носеше дресот на Наполи дури 350 пати, и забележа над 100 настапи во дресот на Еспањол. Тој забележа и пет настапи за репрезентацијата на Шпанија, но тешко е да се верува дека овој 33-годишник ќе го носи дресот на „Црвената фурија“ повторно.