Поранешниот репрезентативец на Бразил, Хулк, одамна е надвор од центарот на вниманието на светската фудбалска јавност. Поточно, од 2016 година кога реши да замине во Кина.
Сепак, сега се шпекулира дека грубиот напаѓач, познат по неговиот разурнувачки удар, би можел да се врати во Европа..
Шпанскиот „Диарио Спорт“ пишува дека Еспањол се оптимисти во врска со доведување на Хулк на заем кој ќе трае до крајот на сезоната.
Патем, 33-годишниот Хулк минатата сезона одигра 37 натпревари за Шангај СИПГ и постигна 17 голови.
Сопственикот на Еспањол, Кинезот Чен Јаншенг, наводно е во одлични односи со клубот на Хулк, и ќе се обиде да го реализира неговиот заем во јануари.
Сепак, за да се заврши договорот, Шангај СИПГ би требало да се согласи да плаќа дел од платата на Хулк, бидејќи во моментов платата е преголем залак за каталонскиот клуб.
Еспањол во моментов е во тешка состојба и се верува дека Каталонците ќе се обидат да донесат четири квалитетни засилувања во јануари што ќе им помогнат да се борат за опстанок. Можеби еден од нив е Хулк.
Хулк се прослави во дресот на Порто од кој замина во Зенит во 2012 година за 40 милиони евра. По четири години во Русија тој се упати кон Кина. Во тоа време, Шангај СИПГ одвои повеќе од 55 милиони евра за неговиот потпис.