ФУДБАЛ

Ибрахимовиќ го покажа и другото лице: Не оди наоколу и не зборувај за мене! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Милан успеаја да се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампионите откако пред своите гледачи со убедливи 4-0 го совладаа РБ Салцбург во последното 6. коло од групата Е.

На Австријците им беше потребна победа во Милано за да се пласираат во топ 16, но иако на италијанскиот шампион му беше доволно и нерешено, домаќинот сакаше да ги реши сите дилеми.

Веќе во втората минута Тео Ернандез ја погоди стативата на гостите, додека одличниот Французин Оливие Жиру со глава во 14. минута го доведе Милан во водство. Натпреварот дефинитивно беше решен на почетокот на вториот дел кога Милан отиде на 3-0. Најпрвин Круниќ погоди во 46. минута (по асистенција на Жиру), а потоа Жиру повторно погоди во 57. минута за 3-0. Се беше заклучено со голот на Месијас во 91. минута.

Натпреварот од трибините го следеше легендарниот шведски напаѓач Златан Ибрахимовиќ, кој по натпреварот се сврте кон новинарот Алесандро Алсијато кој минатиот месец изјави дека ќе се пензионира доколку не биде во добра форма во декември.

“Што зборуваш? Не оди наоколу и не зборувај дека не играм. Не можеш да го кажеш тоа. Ако не си слушнал од мене, не можеш да зборуваш за тоа”, извикал Златан .