Индонезија започна преговори со Фудбалската асоцијација на Австралија за да поднесе понуда за домаќин на Светското првенство во фудбал во 2034 година заедно со Малезија и Сингапур.
Разговорите започнаа само неколку дена откако ФИФА ги покани членовите од Азија и Океанија да го организираат најголемото шоу на светскиот фудбал.
„Почнавме разговори со Австралија. Кога ги посетив Малезија и Сингапур, тие изразија желба да ни се придружат“, изјави Ерик Тохир, претседател на Фудбалскиот сојуз на Индонезија.
Засега единствената земја која најави дека сака Светско првенство во 2034 година е Саудиска Арабија.
Домаќини на планетарното првенство во 2026 година ќе бидат Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, додека шампионатот во 2030 година им беше доделен на Шпанија, Португалија и Мароко, а неколку рани натпревари ќе се играат во Аргентина, Парагвај и Уругвај.
