Фудбалерите на Наполи го совладаа Јувентус во дерби натпреварот во 21 коло од италијанската Серија А синоќа на домашен терен.
Наполи конечно успеа да ја прекине очајната серија против Јувентус. Наполитанците победија со 2-1, а головите за овој тим ги постигнаа Зилински и Инсиње.
После натпреварот Инсиње беше среќен што Наполи успеа да добие три бода против лутиот ривал и тоа во тешка ситуација во која клубот се наоѓа веќе неколку месеци.
„Ние сме фокусирани на самите нас и се однесуваме професионално затоа што знаеме дека треба се надминеме. Среќни сме што го победивме Јувентус и освоивме три бода. Оваа победа е за нас, како и за целиот Неапол”, изјави Инсиње по натпреварот.
Наполи во моментов е на десеттата позиција со 27 бода и успеа да победи по три последователни порази. Јуве е прв со 51 поени и има три бода повеќе од второпласираниот Интер.