Фудбалскиот клуб Интер од Мајами потврди дека започнал со изградба на нов стадион, кој ќе чини околу една милијарда долари, пренесуваат американските медиуми.
Новиот стадион ќе се вика „Парк на слободата во Мајами“, неговиот капацитет ќе биде околу 25.000 навивачи, а ќе биде завршен до 2025 година.
Стадионот ќе биде изграден како дел од јавен парк, а ќе има фудбалски, тениски и атлетски игралишта, деловни простории и трговски центар. До стадионот ќе се гради луксузен хотел со 750 соби.
„Моето семејство ја промени перцепцијата на светот за фудбалот во САД за само четири години. Од истата визија се водевме и кога решивме да изградиме нов стадион. Едвај чекам да им посакам добредојде на нашите навивачи на новиот најсовремен стадион. Едвај чекам да ги слушнам извиците кога Меси и другите играчи на Интер ќе излезат на терен во 2025 година“, изјави еден од сопствениците на клубот, Хорхе Мас.
Интер моментално игра на стадионот ДРВ ПНК, кој има капацитет од 21.000 седишта.
