ФУДБАЛ

Исповед на Руни: „Ослободувањето ми беше алкохол…“

Поранешниот капитен на Англија, Вејн Руни, изјави дека пиел претерано на почетокот на кариерата за да се справи со притисокот на славата.

Говорејќи на подкастот на поранешната рагби ѕвезда и активист за болести на моторните неврони Роб Бароу, менаџерот од Бирмингем се отвори за тешкотиите со кои се соочувал во текот на неговата кариера во изнаоѓање начини да се справи со притисоците на славата како млад.

Како 16-годишен Руни влезе во првиот тим на Евертон, една година подоцна стана и репрезентативец, а на 20-годишна возраст се пресели во Манчестер Јунајтед. Тој рече дека сиот тој успех има цена.

„Моето ослободување во раните дваесетти беше алкохол. Одев дома, поминував неколку дена дома, не излегував. Пиев додека скоро не се онесвестив. Не сакав да бидам покрај луѓе, бидејќи понекогаш се чувствував срам. Понекогаш чувствувате дека ги изневерувате луѓето, не знаев како поинаку да се справам со тоа“, изјави Руни, пренесе Скај. Еден од најдобрите играчи во историјата на клубот од Олд Трафорд изјави дека сега не се плаши да зборува за проблемите.

“Кога не прифаќате помош, можете да бидете на навистина лошо место, а јас бев таму неколку години. За среќа, сега не се плашам да разговарам со луѓето за проблемите”, додал Руни.

Руни е најдобар стрелец во историјата на Манчестер Јунајтед со 253 гола, кои ги постигна на 559 натпревари и до неодамна беше најдобар стрелец на репрезентацијата на Англија со 53 гола. Тој освои пет шампионски титули со Јунајтед, Лигата на шампионите, Лигата на Европа, ФА Купот, три Лига купа, четири Комјунити Шилдс и Светското клупско првенство.