ФУДБАЛ

Изборот не му се допадна на Куртоа: „Се чини дека повеќе се цени да се постигне гол отколку да се одбрани“

Синоќа во Париз се одржа церемонијата на доделување на Златната топка.

Златната топка беше шлаг на тортата на гала вечерта, а пред тоа беа доделени и бројни други награди. Наградата „Лав Јашин“ доделена на најдобриот голман отиде во рацете на голманот на Реал, Тибо Куртоа.

Белгискиот репрезентативец беше седми во генералниот пласман за Златната топка, која му припадна на неговиот соиграч Карим Бензема.

Тој ранкинг баш и не му се допаѓа и смета дека требало да биде повисоко на листата, а од изјавата може да се заклучи дека и неговата амбиција била да ја освои „Златната топка“ покрај феноменалниот Бензема.

„Пред се, многу сум среќен за Карим Бензема. Изгледа дека постигнувањето гол е повеќе ценето отколку да се одбрани. Битка која допрва треба да се добие. Гледајќи ја логиката и знаејќи како се игра гласањето, знаев дека немаше шанси да се победи“, изјави Куртоа, а пренесува Marca.

„Точно е дека изгледа невозможно голман да ја освои Златната топка. Бензема ја освои оваа година и сите се согласуваме со тоа. Но, по една сезона во која ја освоивме Лигата на шампионите, шампионатот, кога јас бев одлучувачки во Финале во ЛШ, седмо место добивам. Ова покажува дека гласовите навистина не се даваат според голманските заслуги. 

Во топ 10 нема голмани, тоа е тоа. Барем измислија друг трофеј“, додаде Куртоа, мислејќи на наградата Лав Јашин што тој самиот ја доби.

Инаку, легендарниот руски голман Лав Јашин е единствениот голман во историјата кој ја освоил Златната топка во шеесетите години на минатиот век.

Најблиску до тоа подоцна беа Буфон, кој беше втор во 2006 година, Кан беше трет во 2001 и 2002 година, а Нојер беше трет во 2014 година.