Манчестер Јунајтед ќе биде значително ослабен на натпреварот со Јувентус, потврди Жозе Мурињо на прес-конференцијата.
Денешниот спектакл на Олд Трафорд ќе биде пропуштен од шест играчи, од кои дефинитивно и најголемото име, Алексис Санчез.
Чилеанецот на натпреварот со Челзи во саботата влезе во втората половина, но поради лесна повреда го пропушти вчерашниот тренинг и јасно е дека нема да биде во конкуренција за стартниот состав за денешниот натпревар.
Освен Алексис Санчез, натпреварот со Јувентус ќе го пропуштат Диого Далот, Фил Џонс, Скот Мектоминај, Маруан Фелаини и Џеси Лингард, кои исто така не тренираа.
Манчестер Јунајтед во првите два натпревари од групната фаза од Лигата на шампионите освои четири бода, додека Јувентус има максимален ефект.
Натпреварот на Олд Трафорд ќе се одигра денес во 21:00 часот.