Мемфис Депај најверојатно ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок.
Шпанските медиуми вчера објавија дека Депај е на чекор до преселба во Јувентус и дека прашање е само кога ќе биде официјализиран неговиот трансфер од Барсеона.
Депај спогодбено ќе го раскине договорот со каталонскиот клуб и без обештетување ќе премине во тимот на Јувентус, а Старата дама за возврат ќе ги прости сите бонуси кои ги има Миралем Пјаниќ во договорот.
Вчера медиумите во Шпанија и Италија објавија дека Депај завршил се, а се очекуваше Јувентус синоќа да го официјализира неговото доаѓање во Торино, но на крајот тоа не се случи.
Шпанскиот новинар Жерар Ромеро објави дека имало неочекувани проблеми бидејќи Депај наеднаш ја променил својата приказна.
Холандскиот напаѓач пред неколку дена договори се со Јувентус и се очекуваше да потпише тригодишен договор, но ги шокираше челниците на Старата дама кога изјави дека сепак сака поголема плата.
Депај се договори со Јувентус за плата од пет милиони евра плус бонуси, но сега изјави дека сака таа плата да биде поголема од шест милиони евра или во спротивно ќе остане во Барселона.
Челниците на Јувентус не очекуваа ваков проблем и веруваа дека доаѓањето на Депај е готова работа, но Холанѓанецот како гром од ведро небо наеднаш побара повеќе пари.
Сепак, Ромеро додава дека тоа не треба да го расипе овој трансфер и дека Јувентус ќе го исполни условот што го бара Депај бидејќи им е многу потребен уште еден напаѓач во тимот, а поради преговори со Холанѓанецот се откажале од други опции.
Денеска се очекува продолжување на преговорите помеѓу Јувентус и Депај, а според сите индиции трансферот би можел да биде официјализиран утре. Тоа значи дека Депај дефинитивно ќе биде во конкуренција вечерва за натпреварот Реал Сосидеад – Барселона.