ФУДБАЛ

„Јувентус не е во опасност да се пресели во Серија Б“

Најтрофејниот италијански клуб Јувентус моментално е сред сериозна истрага за финансиска измама. Секако се очекува сериозна казна, но се уште не се знае каква.

Во оптек има секакви опции. Од посилна финансиска казна, до можно испаѓање. Сепак, поранешниот обвинител кој се занимаваше со спортско право, Луиџи де Фичи, не очекува ваква драконска казна.

– Јувентус е во опасност што се однесува до спортскиот судски систем. Без сомнение ризикуваат да добијат бодовна казна, но според она што го прочитав за доказите, мислам дека тоа нема да резултира со деградирање. Еден од основните критериуми за ваква санкција е дали тој чин имал влијание врз резултатите на самиот терен, а според она што го гледаме, тоа не е така – рече Де Фичи .

Старата дама од Торино беше исфрлена во Серија Б во 2006 година. Сега барем во овој момент на дневен ред е случајот со финансиски малверзации. Поточно, во однос на фалсификувањето на финансиските книги, како и на платите за време на пандемијата, кои официјално беа намалени, но во реалноста има сериозни индиции, па дури и докази, дека разликата им била исплатена на фудбалерите „на рака“.