Јувентус е во најголемата резултатска криза во последните десет години.
Иако не е одиграна ниту половина од сезоната во Серија А, Старата дама е далеку од освојување на Скудетото, а под знак прашалник е и квалитетот на играчкиот кадар на Масимилијано Алегри.
„Кориере Дела Сера“ во саботата го објави списокот на играчи кои повеќе не се бројат и кои практично се наоѓаат на трансфер листата.
Целта е да се растерети буџетот и да се соберат пари со нивна продажба за да можат да инвестираат во играчи кои треба да донесат квалитет.
Отпишани се Дејан Кулушевски, Адриен Рабиот, Арон Ремзи и Артур Мело. Играчи кои навистина не се вклопуваат во системот на Алегри.
Ремзи и Артур практично не играат, додека Рабиот добива можност, пред се поради послабата конкуренција.
Кулушевски кој беше платен дури 35 милиони евра не ја оправда инвестицијата и почна да игра благодарение на повредата на Федерико Киза.
Јувентус заостанува 12 бода од првото место и пласманот во Лигата на шампионите на крајот од сезоната може да се смета за успех.