ФУДБАЛ

Јувентус продаде двајца играчи на Тотенхем

Јувентус и Тотенхем направија две одлични работи во последниот ден од преодниот рок.

Имено, двајцата поранешни фудбалери на Јувентус од денеска се новите играчи на Тотенхем, а тоа се Дејан Кулушевски и Родриго Бентанкур.

Шведскиот фудбалер отиде на позајмица за пет милиони евра, но Спарс имаат обврска да го купат за 30 милиони евра на крајот од сезоната.

Кулушевски оваа сезона одигра 27 натпревари за Јувентус и постигна два гола со три асистенции.

Кулушевски со Јувентус освои два трофеи и тоа Скудетото и Суперкупот на Италија. За шведската репрезентација одигра 20 натпревари и постигна еден гол.

Кога станува збор за Уругваецот, трансферот е реализиран за 19 милиони евра, додека шест милиони ќе и припаднат на Старата дама преку бонуси.

Бентанкур оваа сезона одигра 26 натпревари за Јувентус и забележа три асистенции.

Да потсетиме, Бентанкур ја започна својата кариера во Бока Јуниорс од која дојде во Јувентус во летото 2017 година.

24-годишниот фудбалер беше трикратен шампион на Италија со Јувентус, а два пати го освои Купот и Суперкупот на оваа земја. Треба да се спомене и дека со Бока Јуниорс два пати го крена пехарот наменет за аргентинскиот шампион.

За репрезентацијата на Уругвај веќе има 45 настапи, а со селекцијата на оваа земја до 20 години го освои јужноамериканскиот шампионат.