Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо, би можел да ги напушти редовите на Јувентус во летниот преоден рок.
Иако има важечки договор со Старата дама до летото следната година, се повеќе се шпекулира во странските медиуми за неговата иднина, односно Роналдо се поврзува со бројни клубови.
Една од нив е Лисабонски Спортинг, каде ја започна својата сениорска кариера, но иако Спортинг ја освои титулата во Португалија и ќе игра во Лигата на шампионите, нема да има ништо од доаѓањето на Роналдо
Ова го потврди и агентот на славниот португалски фудбалер, Хорхе Мендеш, кој истакна дека неговиот клиент е горд на титулата на Спортинг, но дека неговите фудбалски планови во моментов не се поврзани со Португалија.
“Кристијано е горд на освоената титула од Спортинг, што покажа јавно. Но, во моментов неговите фудбалски планови не се поврзани со Португалија”, рече Мендеш.
Да потсетиме, мајката на Кристијано ги воодушеви и навивачите на Спортинг на кои им рече дека ќе го убеди нејзиниот син да носи дрес на Спортинг следната сезона.
Сепак, нема да има ништо од тоа, а дали Роналдо ќе остане во Јувентус или ќе засили некои од европските великани, треба да дознаеме следниот месец.
На крај, да додадеме дека Роналдо ја започна својата сениорска кариера во Спортинг, од каде пристигна во Манчестер Јунајтед во 2003 година. По шест сезони се пресели во Реал каде остана до 2018 година кога пристигна во Јувентус.